Шокатна исповед: Ми рекоа дека ќе ме убијат ако судам натпревар помеѓу мажи!

Фудбалската судијка Маша Горбани, некогаш популарна во Иран, открила шокантни детали за тортурата и заканите кои ги доживеала поради нејзината желба да суди натпревари на машки фудбалски тимови.

Таа била назначена да биде дел од ВАР-собата за престижниот дерби натпревар меѓу Персеполис и Естеглал, поради што се соочила со сериозни закани кои ја принудиле да побегне во Европа.

„Контактираа со мене луѓе од иранските тајни служби и побараа доброволно да се откажам од дербито. Ми предложија најлесна опција – да објавам на социјалните мрежи дека сум се разболела и затоа не можам да бидам дел од ВАР-собата“, изјави Горбани во интервју за ирански медиуми во странство.

Кога одбила да се повлече, заканите станале поостри и поврзани со нејзината лична безбедност.

„Ми рекоа директно: 'Влегуваш во опасна игра за себе. Луѓе поголеми од тебе исчезнале во вакви ситуации'. Објаснија дека прво ќе ме 'избришат' од медиумите, а потоа ќе ме снема целосно“, вели Горбани.

Најзастрашувачки биле заканите по нејзиниот живот.

„Еден човек ми кажа дека можеби ќе доживеам несреќа кога ќе ја напуштам зградата, дека автомобил би можел да ме удри и никој нема да дознае што навистина се случило. Другпат ми рекоа дека некој може да ми фрли киселина на лицето додека сум на улица“, открива судијката.

Во обид да ја спречат да учествува на натпреварот, Иранската фудбалска федерација испратила писмо до ФИФА во кое било наведено дека Горбани е „болна“.

„Тоа писмо беше фалсификувано со мој потпис. Откако го испратија во Цирих, ми беше забрането да давам изјави и мораше да останам дома“, дополнува Горбани.

И покрај тоа што била подготвена да ја почитува исламската облека за време на натпреварите, властите ја навредувале и омаловажувале.

„Ми рекоа дека сум никој и дека не можам да имам такви барања“, додава таа.

По бегството во Европа, Горбани добила политички азил и планира да ја продолжи својата кариера како меѓународен судија под знамето на нејзината нова татковина.