Легендарен фудбалер на Ц. Звезда доби ново срце и тоа - буквално!
Шестиќ, кој е познат под прекарот „Шеле”, во интервју за Радио-телевизија Србија истакна дека сега се чувствува добро по завршувањето на најтешкиот дел.
„Сè е во ред, помина најлошото. Сега е добро“, изјави Шестиќ додека се одмараше во болничкиот кревет.
Легендарниот фудбалер откри дека чувствувал страв пред интервенцијата, но дека исходот е позитивен. Директорот на Институтот, професор Милутин Бојиќ, нагласи дека операцијата била многу сложена и дека постоеле големи ризици.
„Случајот беше граничен од медицински аспект, но со максимална посветеност и постојан 24-часовен мониторинг, успеавме. Трансплантацијата на срце на Милош Шестиќ е еден од најголемите успеси во историјата на нашиот Институт“, истакна Бојиќ.
Периодот на опоравување е внимателно испланиран, а медицинскиот тим очекува позитивни резултати.
„Имаме одлични параметри и две успешни биопсии. Очекуваме наскоро Шестиќ да стане од кревет и да го видиме како вежба на велосипед во нашите сали“, додаде Бојиќ.
Сè уште нема потврден датум за отпуштање од болница, но процесот тече во позитивен правец.
„Кога ќе одам дома, тоа не зависи од мене, туку од лекарите и директорот“, изјави Шестиќ.
Легендата на југословенскиот фудбал, е во фаза на опоравување со голема надеж дека наскоро ќе се врати дома и повторно ќе може да ги следи своите омилени натпревари.
„Најлошото помина, сега сè оди како што треба“, заклучи Шестиќ.