Шок за гејмерите: Играта „ФИФА“ в година заминува во пензија!

Челниците на компанијата за производство компјутерски игри „Електроник Артс Спорт“ потврдија дека во 2023 година ќе излезе последното издание од нивниот сигурно најпопуларен бренд за забава - „ФИФА“.

В година ќе заврши 30-годишната соработка на „ЕА Спортс“ и Светската фудбалска федерација (ФИФА), по што лиценцата нема да биде продолжена. Но и покрај прензионирањето на познатата игра, најпознатата компанија за креација на електронски игри ќе продолжи со развивањето на овој производ, но под друго име.

„Благодарност до базата од 150 милиони фанови на играта 'ФИФА', кои ни помогнаа да ја направиме најголемата платформа за забава. По 30 години, време за мали промени, односно почеток на нова возбудлива ера“, соопштија од компанијата.

Играта „ФИФА 23“ ќе биде последна од овој бренд, по што ќе почне функционирањето на „ЕА Спортс ФЦ“, која ќе биде спој на сите начини на игра, без разлика дали тоа било со клубови, репрезентации, лиги, првенства и слично.