Шок-цени за финалето на СП: Билети се продаваат и за неверојатни 2,3 милиони долари!

Дека фудбалот одамна не е само игра, доказ се цените на билетите за финалето на СП 2026, откако на официјалната платформа за препродажба на ФИФА се појавија четири билети за големото финале на „Метлајф стадионот“ во Њу Џерси – по неверојатни 2,3 милиони долари!

Тоа значи дека пакет од четири седишта би чинел астрономски 9,2 милиони долари. Има и „поевтини“ опции – билети зад гол за околу 16.000 долари, што во овој контекст звучи речиси како попуст. Важно е да се нагласи дека ФИФА не ги одредува цените на препродажба, но зема 15-отсто провизија и од продавачот и од купувачот. Во пракса, тоа значи дека од само една ваква трансакција може да инкасира близу 600.000 долари.

Организаторите веќе се под критики поради високите цени за турнирот кој ќе се игра во САД, Канада и Мексико, а стартува на 11 јуни. За споредба, на претходните мундијали препродажбата беше ограничена на номиналната вредност.

Како одговор на реакциите, ФИФА воведе и ограничен број билети од околу 60 долари, но тие се капка во море – досега се продадени над пет милиони билети. Од ФИФА велат дека ваквиот модел е „во согласност со пазарните практики“ и дека динамичните цени треба да обезбедат фер вредност и максимална посетеност.