Се пензионираше единствениот дефанзивец кој даде хет-трик во ЛШ

Францускиот фудбалер Лајвин Курзава објави дека ја завршува професионалната кариера на само 34-годишна возраст, по настапите за неколку европски клубови и богатата трофејна колекција.

Курзава во кариерата настапуваше за Монако, Пари Сен Жермен, Фулам, Боависта и Персиб Бандунг, а зад себе остави дури 19 освоени трофеи.

Фудбалските почетоци ги имаше во младинските категории на Монако, за чиј прв тим одигра 97 натпревари. Во 2015 година се пресели во Пари Сен Жермен за трансфер вреден 25 милиони евра.

Со францускиот гигант пет пати ја освои титулата во Лига 1, пет пати триумфираше во Купот на Франција, а четири пати во Лига купот.

За репрезентацијата на Франција забележа 13 настапи и последните два ги имаше во квалификациите за Европското првенство во 2019 година.

Во сезоната 2022/23 беше на позајмица во Фулам, а по истекот на договорот со ПСЖ во 2024 година замина во Боависта. Последниот клуб во неговата кариера беше Персиб Бандунг.

Курзава ќе остане запаметен и по еден историски подвиг во Лигата на шампионите. На 31 октомври 2017 година постигна хет-трик во победата на ПСЖ над Андерлехт од 5-0, со што стана единствениот дефанзивец во историјата на натпреварувањето кој успеал да постигне три гола на еден меч.