Се пензионираше човекот со најчудното „проклетство“ во фудбалот

Арон Ремзи, еден од најпознатите фудбалери во историјата на репрезентацијата на Велс и играч кој остави длабока трага во Арсенал, донесе одлука да стави крај на својата професионална кариера.

35-годишниот фудбалер се повлекува од активното играње како член на мексиканскиот клуб Пумас.

Ремзи зад себе остава богата кариера, исполнета со настапи на големи натпреварувања, меѓу кои и настап на Европското првенство 2016, кога Велс стигна до полуфиналето, а тој беше избран и во идеалниот тим на турнирот. Настапи и на Европското првенство 2020, како и на Светското првенство 2022.

Своите фудбалски почетоци ги имаше во Кардиф Сити, по што во периодот од 2008 до 2019 година го носеше дресот на Арсенал.

Во текот на кариерата настапуваше и за Јувентус, потоа кратко и за Ренџерс, како и за Ница. Во 2023 година се врати во Кардиф, а во 2025 реши да ја продолжи кариерата во Мексико, каде што и го имаше својот последен професионален ангажман.

Фудбалот ќе го памети и како фудбалер кој го имаше најчудното „проклетство“ бидејќи во еден период од неговата кариера по негов гол светот се простуваше од некоја славна личност.