Роналдо пред заминување од Саудиска Арабија, ама каде ќе продолжи?
Веста ја објави португалскиот весник „Рекорд“ чиј сопственик е токму Кристијано Роналдо! Славниот Португалец го бојкотираше натпреварот на Ал Наср против Ал Ријад одигран вчера, незадоволен од политиката на националниот инвестициски фонд (ПИФ) кој е инвеститор во сите најголеми саудиски клубови.
Кристијано верува дека неговиот клуб е во неповолна положба во споредба со другите тимови кои исто така се контролирани од истиот фонд. И додека некои светски медиуми ги осудуваат постапките на славниот фудбалер, бидејќи тој е во штрајк, а е платен стотици милиони евра последните три години, португалскиот печат е на страната на неговиот сонародник.
Речиси сите медиуми потенцираат дека Роналдо сериозно размислува да си замине од Саудиска Арабија на крајот од оваа сезона, но прашање е каде би ја продолжи кариерата бидејќи, очигледно, уште не сака во пензија. Тој беше донесен во Саудиска Арабија за да го промовира фудбалот и да биде заштитно лице на земјата во кампањата за добивање на организација на Светското првенство во 2034 година. Сега, кога е тоа е остварено, прашање е дали има клуб или проект што би инвестирал толку пари на фудбалер кој з два дена ќе наполни 41 година, макар тој да се викал Кристијано Роналдо.
Португалците наведуваат дека има европски и американски клубови заинтересирани за негов ангажман, но нема конкретни имиња, а немаше ни во 2022 кога тој одлучи да си замине од Манчестер Јунајтед поради конфликт со Ерик Тен Хаг и да го изненади светот со преминот во Саудиска Арабија.
Интересно е тоа што неговиот Ал Наср е единствен од саудиските гиганти кои во овие 3,5 години од неговото доаѓање не освои ниеден трофеј.