Роналдо отворено го нападна Анчелоти: Направи премногу грешки

Бразил доживеа уште еден неуспех откако во осминафиналето на Светското првенство го заврши настапот по поразот од Норвешка, а по поразот се огласи и легендарниот напаѓач, Роналдо Назарио кој не штедеше критики.

Според Роналдо најголемиот виновник за елиминацијата е селекторот Карло Анчелоти.

„Морам да бидам искрен, мислам дека оваа елиминација почнува од одлуките донесени од клупата. Анчелоти е еден од најдобрите тренери во историјата на фудбалот, но направи премногу грешки“, изјави Роналдо.

Тој посебно се осврна на тоа зошто Жоао Педро не беше дел од репрезентацијата, додека младиот Ендрик добил минимална минутажа.

„Сè уште не разбирам зошто Жоао Педро не беше во овој тим. Имаше извонредна сезона, во одлична форма е и на Бразил му беше потребен напаѓач кој може да донесе нешто различно, а кога ќе го погледнете Ендрик, секојпат кога влезе на овој турнир носеше енергија, агресивност и непредвидливост, но сепак најголем дел од Мундијалот го помина на клупата. Тоа не го разбирам“, додаде Роналдо.

На удар на легендарниот напаѓач се најде и Винисиус Жуниор од кого се очекуваше да ја предводи Бразил до самиот крај на турнирот.

„Винисиус Жуниор исто така мора да преземе одговорност. Сите знаеме колку е талентиран, но ова не беше добро Светско првенство за него. Ниту еднаш не личеше на играчот кој доминира во клупскиот фудбал. Кога на Бразил најмногу му беше потребен, не успеа да направи разлика“, смета Роналдо.