УЕФА: Не ни се верува што прави ФИФА со правилата!

Бурни реакции во јавноста предизвика одлуката на ФИФА да го поништи црвениот картон на американскиот напаѓач, Фоларин Балогун со што тој добива право за настап против Белгија, а сега се огласија и од УЕФА.

Европската куќа на фудбалот остро реагираше и ја критикуваше УЕФА изразувајќи неверување како може да се поништи ваква одлука истакнувајќи дека ова е преминување на црвената линија.

„Вчерашната одлука на Светската фудбалска федерација привремено да ја суспендира примената на автоматската суспензија од еден натпревар по добиен црвен картон за фудбалерот Фоларин Балогун претставува преминување на црвената линија.

Фудбалот, како и секој друг спорт, се темели на правила што обезбедуваат фер, чесно и транспарентно натпреварување. Понекогаш правилата оставаат простор за толкување, но во овој случај тоа не е така. Автоматската суспензија од најмалку еден натпревар по добиен црвен картон не е прашање на дискрециона одлука, ниту пак бара дополнително одлучување од надлежен орган за да стапи во сила. Станува збор за принцип вграден во правилникот, кој не смее да биде предмет на исклучоци, особено не во текот на турнир на кој повеќе други фудбалери се нашле во идентична ситуација и редовно ја одслужиле својата казна.

Кога чуварите на правилата повеќе не ја гарантираат нивната доследна примена, тогаш се доведуваат во прашање интегритетот на играта и кредибилитетот на натпреварувањето. Воедно, ваквата одлука создава преседан и за остатокот од турнирот, бидејќи секој идентичен случај понатаму ќе мора да биде третиран на ист начин, што може сериозно да му наштети на натпреварувањето.

Фудбалот е најпопуларниот спорт во светот затоа што е прекрасна игра, а довербата во него постои бидејќи насекаде се игра според истите правила. Ниту еден турнир не е изолиран случај. Поради тоа, изразуваме неверување од оваа одлука, која е без преседан, неразбирлива и целосно неоправдана“, стои во реакцијата на УЕФА.

Претходно жестоки критики кон ФИФА испратија, Јирген Клоп и екс-првиот човек на светскиот фудбал, Сеп Блатер.