Блатер удри по Инфантино: Црвени картони не се поништуваат со политички повици!

Не стивнуваат реакциите по вчерашната одлука на ФИФА да му ја укине суспензијата на американскиот напаѓач Фоларин Балогун кој на натпреварот против Босна и Херцеговина заработи директен црвен картон по опасниот старт врз Тарик Мухаремовиќ.

По бројните критики што пристигнаа од Белгија, Англија и Германија, сега се огласи и поранешниот претседател на Светската фудбалска федерација, Сеп Блатер, кој ја осуди одлуката американскиот напаѓач да добие право на настап во четвртфиналето на Светското првенство против Белгија.

Во објава на социјалните мрежи Блатер порача дека фудбалот никогаш не смее да стане поле за политичко влијание.

„Црвените картони не се поништуваат со политички телефонски повици. Тие се поништуваат врз основа на правилата, доказите и одлуките на независни тела. Ако претседателот на САД интервенира кај претседателот на Светската фудбалска федерација, а играчот одеднаш биде ослободен од санкцијата пред натпревар од нокаут-фазата на Светското првенство, тогаш прашањето е неизбежно, каде оди Светската фудбалска федерација?“, напиша Блатер.

Да потсетиме, и самиот Блатер беше во центарот на големиот корупциски скандал што избувна во 2015 година.

Неговиот долгогодишен мандат заврши со оставка во екот на најголемиот корупциски скандал во историјата на ФИФА. Иако обвинувањата за поткуп, перење пари и местење на изборот на домаќини на Светските првенства сериозно го нарушија угледот на организацијата, Блатер пред суд одговараше само за спорната исплата кон Мишел Платини.

По повеќегодишна судска постапка, швајцарските судови правосилно ги ослободија двајцата поради недостиг на докази, но штетата врз нивните кариери остана трајна.