Англија со играч помалку го преживеа Мексико, Белингем е херојот! (ВИДЕО)

Репрезентацијата на Англија обезбеди место меѓу осумте најдобри на Светското првенство откако во исклучително драматичен натпревар со 3-2 го совлада Мексико. Иако Гордиот Албион речиси комплетно второ полувреме играше со фудбалер помалку, сепак успеа да ја оствари примарната цел.

Ова беше уште еден неверојатен и тензичен мундијалски дуел, по кој уште еден од домаќините на шампионатот мораше предвреме да ги спакува куферите.

Резултатот беше отворен во 36. минута кога Џуд Белингем одлично реагираше на центаршутот од Сака и со удар со глава донесе предност за својот тим од 1-0.

Само што Мексиканците тргнаа од центарот, Англичаните експресно ја украдоа топката, Белингем и Кејн одиграа фантастично двојно проигрување, по што ѕвездата на Реал Мадрид одново ја тресеше мрежата за само 99 секунди за зголемување на 2-0.

Во самиот финиш од првиот дел Мексико успеа да ја намали негативата откако Кинонес погоди за 1-2 и ја врати неизвесноста на мечот.

Работите за Англија се комплицираа по девет минути игра во второто полувреме, кога Кванса доби директен црвен картон поради преостар старт, оставајќи ги своите соиграчи на маки повеќе од 45 минути поради долгото судиско продолжение.

И покрај бројната подреденост, Англичаните во 60. минута зголемија на 3-1 преку Хари Кејн, кој беше сигурен реализатор од најстрога казна.

Само неколку минути подоцна, Кејн се претвори во трагичар во сопствениот казнен простор правејќи фаул, по што Раул Хименез погоди од пенал за Мексико за намалување на 2-3.

До последниот судиски свиреж мексиканските фудбалери притискаа со сите сили барајќи израмнување за продолженија, но Англија успешно се одбрани и завери четвртфинале.

Во следната рунда Англија ја очекува пресметка против селекцијата на Норвешка, која претходно приреди првокласна сензација со елиминацијата на Бразил.