Реал Мадрид пред одлична заработка од играч кој нема ниту минута во „кралскиот“дрес

Стоперот Рафа Марин во наредниот период се очекува да го потврди трансферот во Наполи, трансферот е договорен и Реал Мадрид за него веднаш ќе добие 12 милиони евра, а сумата може да биде и поголема.

Марин иако е под договор со „кралевите“ досега не одиграл ниту една минута во сениорскиот фудбал за гигантот од Мадрид и само шест пати бил на клупата за резерви.

Изминатата сезона Марин ја помина на позајмица во Алавес каде што го свртел вниманието на италијанскиот тим. Дефанзивецот би требало да биде првото засилување за Конте по неговото преземање на Наполи.

Во неговиот договор ќе има клазула според која Реал Мадрид може да го врати за 25 милиони евра во 2026 година и за 35 милиони во 2027. Но, сумите би биле поголеми ако Наполи по првата сезона на Реал му исплати уште десет милиони евра. Во тој случај клазулата за 2026 година би била 50, а за 2027 70 милиони евра.

Така Реал би заработил 22 милиони евра за играч кој не настапил ниту една минута во нивниот дрес.