Прва изјава на Тухел откако стана селектор: Жалам што имам германски, а не англиски пасош

Новиот селектор на англиската репрезентација Томас Тухел веднаш се соочи со гневот на љубителите на фудбалот на Островот, но се обиде да ги смири во својата прва изјава.

Тој живееше во Лондон само околу 19 месеци, период во кој беше менаџер на Челси, но му помогна на клубот од Стемфорд Бриџ да ја освои втората титула во Лигата на шампионите, како и по еден трофеј во УЕФА Суперкупот и Светското клупско првенство. Во својата изјава, Тухел рече дека жали што не е роден Англичанец бидејќи сфаќа колку овој народ го сака фудбалот.

„Жалам што имам германски пасош, но можеби навивачите ја почувствуваа мојата страст кон Премиер лигата и оваа земја, како и тоа колку сакам да работам и живеам овде. Се надевам дека ќе успеам да ги убедам колку сум горд што ќе бидам селектор на Англија. Можам да разберам што некои луѓе сакаат селектор Англичанец, но мислам дека и ние странците заслужуваме шанса бидејќи имаме добар ефект во оваа земја“, рече, меѓу другото, Тухел.

Ангажманот во англиската репрезентација ќе биде прво селекторско искуство за него откако претходно ги водеше Аугсбург, Мајнц, Борусија Дортмунд, ПСЖ, Челси и Баерн.