Манчестер Сити во Португалија ја најде замената за Гвардиола

Додека се обидува да го продолжи договорот на барем уште една сезона, менаџментот на Манчестер Сити за секој случај бара и замена за менаџерот Пеп Гвардиола.

Британските медиуми тврдат дека најголем фаворит за позицијата е португалскиот стручњак Рубен Аморим кој во моментов е тренер на Спортинг Лисабон. Лани тој се спомнуваше како можен наследник на Јирген Клоп во Ливерпул, но на крајот клубот од Енфилд се реши за Арне Слот, а Аморим остана во Спортинг со кого ја освои шампионската титула и во моментов се наоѓа на првото место на табелата со максимален ефект по осум одиграни кола и гол-разлика 27-2. Аморим целосно се вклопува во филозофијата и плановите на Сити со оглед на тоа што има само 39 години и може да претставува долгорочно решение за актуелниот шампион на Англија.

Најголема препорака на Аморим во Сити е тоа што е близок со новиот спортски директор Хуго Вијана кој неодамна беше поставен на функцијата, на местото на Чики Бегиристаин. Одговорот на Гвардиола за евентуалното продолжување на соработката на уште една сезона ќе се чека до декември, а потоа ќе се знае што треба да прави менаџментот во периодот што претстои.