Англија и официјално го доби првиот Германец за селектор на националната гордост!

Фудбалската асоцијација на Англија (ФА) денеска и официјално го потврди назначувањето на Томас Тухел за нов предводник на „Гордиот Албион“.

Тој ќе биде прв германски стратег во историјата на англиската клупа, со работа ќе почне од 1 јануари, а неговиот договор е на една ипол година.

„Горд сум што ќе ја имам честа да ја предводам Англија. Одамна чувствувам поврзаност со фудбалот во оваа земја и тоа веќе ми даде неколку неверојатни моменти. Тесно соработувајќи со мојот помошник Ентони Бери, ќе направиме се што можеме за да ја направиме селекцијата успешна, а навивачите горди“, изјави Тухел.

Ова значи дека поранешниот предводник на Борусија Дортмунд, Челси, ПСЖ и Баерн Минхен ќе ги пропушти последните средби од Лигата на нации и ќе има свеж старт како предводник на Англија во квалификациите за СП 2026.