Претседателот Трамп предизвика кавга меѓу првите луѓе на ФИФА и УЕФА!

Неколку водечки европски фудбалски претставници, меѓу кои и претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, го напуштија 75. Конгрес на ФИФА што се одржа во Парагвај, во знак на протест поради значително доцнење на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, кој се враќал од службено патување на Блискиот Исток, каде бил во друштво на американскиот претседател Доналд Трамп.

Конгресот, кој вчера собра делегати од 210 национални фудбалски федерации, првично беше одложен за еден час, но започна со повеќе од два часа задоцнување. УЕФА реагираше со соопштение во кое наведе дека „промената на агендата во последен момент поради лични политички цели не е во интерес на фудбалот“.

Претседателот на ФИФА го оправда доцнењето со проблеми во авионските летови и го бранеше патувањето во Катар – домаќин на СП 2022 – и Саудиска Арабија, која ќе биде домаќин на СП 2034.

„Како претседател на ФИФА, моја должност е да донесувам одлуки во интерес на фудбалот. Сметав дека е важно да бидам таму и да го претставувам спортот“, изјави Инфантино.

Претседателката на Норвешкиот фудбалски сојуз, Лиза Клавенес, потврди дека заедно со неколку европски колеги го напуштила Конгресот во првично предвиденото време, критикувајќи го недостатокот на професионализам и дијалог. УЕФА изрази „длабоко жалење“ поради начинот на организација на еден од најважните состаноци во светскиот фудбал. Во нивното соопштение се потенцира: „Тука сме за да му служиме на фудбалот – од улиците до стадионите. Нашите членки сметаат дека спортот секогаш мора да биде на прво место“.

Инфантино пред неколку дена беше и во Белата куќа, а неговата турнеја на Блискиот Исток дојде непосредно пред САД да бидат домаќин на Светското клупско првенство летово, како и на Светското првенство во 2026 година, заедно со Канада и Мексико.

ФОТО: EPA PHOTO