Претседателот на Бока се закани: Не сме задоволни, а веќе поднесовме тужба против Ривер!

Претседателот на Бока јуниорс, Даниел Ангеличи порача дека неговиот тим нема намера да настапи во реваншот од финалето во Копа Либертадорес против Ривер плејт.

Ангеличи денеска беше на состанокот на претставници од Бока, Ривер и КОНМЕБОЛ, по кој беше соопштено дека дуелот ќе се игра на осми или деветти декември, но не е позната локацијата, а тоа не му се допаѓа на претседателот на Бока, чиј автобус беше каменуван пред стадионот „Монументал“.

„Ние во нашите глави немаме зацртано дека ќе играме во реваншот, не сум задоволен со одлуката на КОНМЕБОЛ. Поднесовме тужба за дисквалификација на Ривер и чекаме одлука од надлежниот суд. Не прифаќаме натпревар до одлуката на судот. Постојат многу докази дека сме во право“, порача Ангеличи.

Драмата пред одигрувањето на Суперкласико продолжува, па не е познато дали воопшто и ќе се одржи аргентинското дерби.