Полјаците се спакувани, уште Мбапе да им ги завери билетите – Сенегал по чудо против Англија

Првата четвртфинална двојка е позната, Холандија против Аргентина во првиот меч за место во полуфиналето, а денеска ќе се комплетира втората во која Франција е апсолутен фаворит против Полска, а Англија ја имаа таа улога на фаворит, но против далеку потежок ривал – африканскиот првак Сенегал без Садио Мане.

Каков антифудбал игра Полска, без оглед што има суперстар во Роберт Левандовски, од 16 часот прашањето е само како резултатски ќе помине во пресметката со светскиот првак, зашто фудбалски „триколорите“ се три класи над Полјаците и светска сензација би било „галските петли“ да не стигнат во финале.

Полска се провлече во осминафинале и тоа само поради Војчех Шчесни, чиј гол Аргентинците не го наполнија, па и со мала помош од С. Арабија (1-2 со Мексико), па нема светски стручњак што не прогносира – лесна победа на Франција. Со колку разлика ќе зависи од Килијан Мбапе, Оливие Жиру, Осман Дембеле и останатите, дали набрзина ќе ги суредат Полјаците и ќе чуваат сили за четвртфиналето или ќе ги наполнат.

За разлика од Франција која на терен секако ќе треба да покаже дека е класи над Полска, Англија пред себе ќе има многу потешка задача во африканскиот првак Сенегал (20 часот), кој ниту лесно ќе се предаде, ниту фудбалски е така инфериорен како во споредба со разликата во квалитет на Французите и Полјаците.

И за очекување е Англија добро да се (по)мачи да ги скрши упорните Сенегалци, кои оставија добар впечаток досега, па мечот треба да го одбележат безбројните дуели во физички захтевниот меч, во кој сепак фокусот е на фаворизираните „три лава“ предводени од Хери Кејн чиј голгетерски блесок допрва се чека.

Победниците од овие два дуели ќе се судрат во второто четвртфинале, а најголемиот дел од фудбалската јавност очекува спектакуларна европска пресметка на Французите и Англичаните за уште повозбудлива завршница на овој 22-ри Мундијал.