Пет причини зошто Аргентина е фаворит за светската титула

Пред четири години беа на чекор до светската круна, но златниот пехар им избега во судиското надополнување на „Маракана“ во Рио де Жанеиро, па Аргентина во Русија доаѓа да го земе тоа што го загуби пред четири години. Нормално, „гаучосите“ се една од петте селекции кои се главни фаворити на Мундијалот, покрај Шпанија, Германија и Франција и вечниот ривал Бразил.

Во Аргентина фудбалот е религија, ама веќе многу долго, повеќе од три децении, Аргентинците чекаат на нов фудбалски бог кој ќе ја донесе третата светска титула во Буенос Аирес. Лионел Меси е фудбалска класа и за него ова е последна шанса да застане рамо до рамо со Марио Кемпес, херојот од 1978 и Диего Армандо Марадона, херојот од 1986.

Според многумина Аргентина на ова СП има нешто послаб тим во однос на тој пред четири години, но има и подобар селектор. Аргентинците не оставија кој знае каков впечаток во квалификациите и го фатија последниот воз, потоа доживеаа дебакл во март од Шпанија, а Меси твири дека не се фаворити. Но, тешко дека екипа која го има Меси не може да биде сметана за кандидат за титулата.

1. ХОРХЕ САМПАОЛИ

Сампаоли седна на клупата со една единствена цел да биде тој што ќе ги сложи коцките и Аргентина ќе блесне на СП кога е најпотребно. Како предводник на Чиле освои две јужноамерикански титули, а потоа импресионираше како тренер на Севилја, водејќи ја првпат во елиминациска рунда во ЛШ и до првата четворка во Ла Лига. Сега, сите очекуваат дека Аргентина и покрај лошите квалификации, катастрофалните тестови е подготвена за највисок дострел. Цврстата игра, со многу трчање, пресинг и слободата на Меси треба да ја донесат славата. Ако нешто досега најмалку функционираше во ерата на Меси за аргентинската селекција тоа беше селекторот. Сега Сампаоли има шанса тоа да го потврди.

2. МОТИВАЦИЈАТА НА ЛИОНЕЛ МЕСИ

Кога ќе се спомене Лионел Меси, јасно е дека вудбалскиот виртуоз може да го направи невозможното, а веројатно фактот што за него ова е последен Мундијал е мотивација повеќе да стигне до тоа што му недостига – светската титула. Залудно е да се трошат зборови за квалитетот на Меси, но аргентинската ѕвезда е далеку понеефективна за репрезентацијата во однос на Барселона. Сепак, 43 гола на 51 меч сезонава се гаранција дека ќе блесне и Аргентина ќе ја води до самата завршница. Нема сомнение дека неговата мотивација е најголема и дека овој Мундијал може да биде негов, со помош на Сампаоли и сите соиграчи.

3. НЕВЕРОЈАТНАТА ЖЕЛБА ПО СЕРИЈАТА ЗАГУБЕНИ ФИНАЛИЊА

Аргентина во продолженијата во 2014 во Бразил ја загуби светската титула, а губитничката серија продолжи две години по ред во Копа Америка со две загубени финалиња на пенали од Чиле. И Аргентинците не се откажуваат, па дури тие порази им се мотивација повеќе за да стигнат до најголемиот успех во последните три децении. Сега се „ранет лав“, кој е најопасен, па затоа и стручњаците туку така не наседнуваат на „приказните“ на Меси дека не се фаворити, затоа што тоа е тргане на притисокот од себе. Аргентина сега е во ситуација како Бразил пред СП 2002. „Кариоките“ го загубија финалето во Франција во 1998 и четири години подоцна успеаа да ја вратат светската титула.

4. ИСКУСТВОТО И СТРАШНИОТ НАПАД

Аргентина во Русија доаѓа со доста искусен тим, кој веќе има светски првенства зад себе и добро знаат најголемиот дел од фудбалерите, што и како треба да се игра на ваков турнир во еден месец и како екипата да се соочи со големиот притисок. Кабалеро, Маскерано, Отаменди, Рохо, Банега, Ди Марија, Меси, Игуаин, Агуеро веќе имаат настапи на Мундијалите и точно знаат што им недостигало во минатото за да бидат најдобри. Секогаш како еден од клучните фактори за да се стигне до светскиот трон е искуството, како дополнување на мотивацијата и свежината за еден ваков напорен тренинг. И ако се додаде дека Аргентина го има Меси во нападот, со Ди Марија, Агуеро, Игуаин, Дибала, плус младиот Павон, одличниот Банега, Билја и Ло Селсо во средниот ред како поддршка за офанзивниот дел, јасно е што е ударната игла на „гаучосите“.

5. ПОБЕДНИЧКИОТ МЕНТАЛИТЕТ ШТО ГО НОСАТ ОД КЛУБОВИТЕ

За да се успее со репрезентацијата потребно е во истата да владее победнички менталитет. А, Аргентинците баш сега пред СП имаат и тоа каков победнички менталитет кој го носат Меси со двојната круна со Барса, Игуаин и Дибала со двојната круна со Јувентус, Ло Селсо и Ди Марија со тројна круна од ПСЖ, Агуеро со титулата со Манчестер сити. Дури седуммина од составот беа дел од шампионските, кои станаа шампиони во петте најсилни лиги на светот. Тој победнички менталитет баш на играчите кои се основата на тимот и тоа како може да бидат корисни во походот кон шампионскиот трофеј.

МААНИ

Прва и најголема маана е лошата одбрана, која во последните две години покажува неверојатни слабости. Без оглед што тука се Отаменди (Сити), Фазио (Рома), Рохо (Јунајтед), Таљафико (Ајакс), Ансалди (Торино), Акуња (Спортинг Лисабон), Сампаоли досега не успеа да направи стабилна четворка која ќе донесе стабилност на целиот тим и нема да прави киксови, по кои ќе треба Меси да ги поправа со голови.

Втора голема мана е што сè зависи од Меси и прашањето колку останатите ќе може да помогнат, ако во тек на меч најдобриот аргентинец биде изолиран, добро затворен или нема свој ден. Секој меч на СП е посебна приказна, но јасно е дека Меси сам не може да ја води Аргентина кон светска титула, а досега „гаучосите“ не оставаат впечаток дека се тим, кој ќе гине еден за друг, како што тоа беа Германија пред четири или Шпанија пред осум години. Плус недостаток на врвни креативци во средината се проблем што со години се влече во аргентинската селекција и поради што Меси не може да дојде до израз како во Барселона, каде ги имаше Чави, Иниеста, Бускец...