
Откажан меч од квалификациите за СП - фудбалерите одбиле да се качат во авион!
Мечот требаше да се игра вчера во главниот град на Малави, но натпревар немаше.
Неколку часа пред почетокот на мечот, Фудбалската федерација на Малави објави дека натпреварот е откажан поради непредвидени патни компликации кои ја погодиле гостинската репрезентација.
„Фудбалската федерација на Малави сака да ја извести јавноста дека квалификацискиот дуел за Светското првенство меѓу Малави и Екваторска Гвинеја која беше закажана за од 18 часот, нема да се одигра поради непредвидени патни компликации кои им се случија на гостите“, се вели во соопштението.
Според африканските новинари, вистинската причина за откажувањето е тензијата меѓу играчите на Екваторска Гвинеја и нивната федерација околу планот за патување. Наводно, најпрво на играчите им било кажано дека ќе летаат наутро, а потоа летот бил префрлен за попладне. Што ќе значело дека ќе стигнат на мечот кратко пред натпреварот и од аеродромот би требало да одат директно на стадионот.
Играчите имале состанок и решиле да го одбијат летот под едни такви услови.
ФИФА дополнително треба да решава за оваа ситуација, а најголеми се шансите да биде запишана службена победа на Малави, втората опција е мечот да добие нов термин.