
Пред три децении радосни се вративме од Белгија - можеме и сега! (ВИДЕО)
Ова ќе биде шести меѓусебен дуел на Македонија и Белгија, статистиката е на страната на Белгијците, ние немаме победа, но имаме еден резултат кој не прави горди.
Тоа се случи во далечната 1994 година кога македонската репрезентација беше ептен тазе, предводена од легендарниот Андон Дончевски кој тогаш ја имаше улогата на селекторот, одигравме 1-1 против Белгија во Брисел.
Белгија водеше со гол на Верхејен од 32. минута, израмни Чоко Бошковски по осум минути игра во вториот дел.
За Македонија на овој меч играа: Целески, Јаневски, Јовановски, Марковски, Најдоски, Станојковиќ, Стојковски, Б.Ѓуровски, Т.Мицевски, Бошковски, М.Ѓуровски (замени: Серафимовски, Канатларовски).
1-1 заврши и последниот меч меѓу Македонија и Белгија, дуелот одигран на Арената „Тодор Проески“ во јуни.
Останатите три меѓусебни натпревари ги загубивме, Белгија ни одржа фудбалска лекција во 95. година кога среде Скопје славеше со 5-0. Во 2013 имавме две пресметки, тогаш Белгијците на наш терен победија со 2-0, а таму бевме поразени со минимални 1-0.
Во денешниот натпревар ќе влеземе од првата позиција со бод повеќе од Белгија, но имаме и натпревар помалку. Овој дуел е исклучително важен за пласман на Светското првенство.