Официјални се кандидатите за домаќини на СП 2030, а меѓу нив - Украина! (ФОТО)

Официјализирани се трите кандидатури за организатори на Светското првенство во фудбал во 2030 година, кое ќе биде посебно, бидејќи ќе слави сто години од првиот Мундијал. Она што падна во очи на светската јавност е потврдата на Украина како еден од кандидатите.

Шпанија и Португалија, кои имаа некој статус на фаворити во трката за организација на СП 2030, од денеска официјално ја имаат Украина како трет кодомаќин. Потврдени се трите кандидатури за јубилејниот мундијал, а покрај оваа пиринејско-украинска комбинација, кандидати се и Грција-Египет-Саудиска Арабија, како прв меѓуконтинентален обид за организација на едно СП и јужноамериканскиот блок со Аргентина-Уругвај-Чиле-Парагвај.

Шпанија и Португалија важеа за благи фаворити, бидејќи ред ќе биде првенството да се врати во Европа (по Катар 2022, и САД-Канада-Мексико во 2026), но и затоа што Александар Чеферин јавно изрази поддршка за нив. Сепак, вклучувањето на Украина може да ги смени работите, бидејќи се јавија доста негативни реакции, како на пример во познатото шоу „Ток спорт“. Некогашниот претседател на Кристал Палас, Ајмон Џордан, рече дека Пиринејците ја злоупотребуваат ситуацијата во Украина.

„Жал ми е што ќе бидам циничен, но ми изгледа дека Шпанија и Португалија ја додадоа Украина само за да им помогне да ја добијат организацијата. Можеме да зборуваме и за тоа дали на Украина ѝ е потребна организација на СП, во смисла на политичкото позиционирање и колку спортот треба да има улога во тоа. Мислам дека спортот не треба да се користи за таа цел. Шпанија и Португалија не го прават ова од добро срце, туку затоа што на овој начин суптилно вршат притисок бидејќи оној кој би бил против тоа, ќе биде 'грозниот човек што дискриминира'. Тоа е лудо. Лудо е да се злоупотребува ситуацијата во Украина“, рече Џордан.

Од друга страна, претседателот на Шпанската фудбалска федерација, многу дипломатски, со очекувана реторика го покри овој настан.

„Нашата понуда повеќе не е ибериска, туку европска. Убеден сум дека нашата кандидатура сега е уште подобра. Фудбалот е универзална работа и може да ги менува луѓето на толку многу начини и затоа треба да го користиме да правиме добри работи“, рече Луис Рубаљес.