Чеферин: Мундијалот во 2030 ќе се одржи во Шпанија и во Португалија!

Борбата за домаќин(и) на Светското фудбалско првенство во 2030 година, кое ќе одбележи точно еден век од првиот Мундијал, допрва ќе се разгорува меѓу пријавените земји кандидати, но првиот човек на УЕФА, Александар Чеферин, даде своја прогноза кој ќе победи во изборот.

Според Словенецот, вековното Светско првенство ќе се одржи во Шпанија и во Португалија. Земјите од Пиринејскиот полуостров имаат заедничка кандидатура, имаат добри стадиони и доволно љубов за фудбалот за да добијат ваква привилегија, изјави Чеферин на конференција во Португалија со име „Фудбалски разговори“.

„Ќе направиме сè што можеме да помогнеме. Време е Европа да биде домаќин на Светско првенство и веќе имаме планови. Веќе зборувавме со Фернандо Гомеш и Луис Рубалес. Сигурен сум дека Мундијалот во 2030 ќе се одржи во Португалја и во Шпанија, две земји кои го чувствуваат фудбалот. Тоа ќе биде победничкиот тандем и ќе сториме сè за да им помогнеме на овие земји, кои имаат страст за фудбалот, живеат и дишат фудбал, а исто така имаат и добра инфраструктура“, рече Чеферин.

Официјалното кандидирање на земјите треба да се случи оваа година, а фаворити се пријавените од Европа и од Јужна Америка. Од Европа најсилна е кандидатурата на Шпанија и Португалија, како и таа на Англија, меѓутоа фактот дека треба да се одбележи стогодишнина од првото Светско првенство, кое се одржа во Уругвај, им дава поени и на Јужноамериканците. 

Кај нив, првично Аргентина и Уругвај истакнаа желба да бидат домаќини и тоа официјално, со Лионел Меси и Луис Суарез како промотори, уште во 2017 година, кога беа соиграчи во Барса. Две години подоцна, Парагвај се понуди да се приклучи на двете земји и беше прифатен, а подоцна и Чиле, со што ќе станат првиот квартет земји кој се кандидира за организација на едно СП.

Големо е лобито и на Кина, меѓутоа според прописите на ФИФА, континентите на кои се одржале претходните две Светски првенства, немаат право да организираат повторно. Такви се Азија, поради Катар 2022 и Северна Америка, поради САД-Канда-Мексико во 2026.