Хаос на СП: Обезбедувањето не дозволило ѕвезда на Шпанија да влезе на стадион!
Искусниот 33-годишен фудбалер пристигнал на утринскиот тренинг без официјалната ФИФА-акредитација, која случајно ја заборавил, а тоа било доволно за чуварите да му забранат влез.
„Јас сум репрезентативец на Шпанија, морам да влезам. Пуштете ме, јас сум Борха Иглесијас“, им објаснувал напаѓачот, но неговите зборови не наишле на разбирање.
Обезбедувањето останало непопустливо, па Иглесијас бил принуден да телефонира до членови на стручниот штаб. Дури откако еден од соработниците на селекторот Луис де ла Фуенте лично дошол до влезот и го потврдил неговиот идентитет, на шпанскиот репрезентативец му било дозволено да влезе во комплексот.
Ситуацијата е уште поапсурдна ако се знае дека Иглесијас зад себе има богата кариера со повеќе од 500 професионални натпревари и над 200 постигнати голови, а настапувал за екипи како Баер Леверкузен, Бетис, Еспањол и Сарагоса, освојувајќи титули во Германија и Шпанија. Иако инцидентот брзо беше претворен во шега, атмосферата во шпанскиот камп не е воопшто опуштена. „Црвената фурија“ го започна Мундијалот со разочарувачко реми без голови против Зеленортските Острови, резултат што предизвика бројни критики во шпанската јавност.
Затоа избраниците на Луис де ла Фуенте немаат право на нов кикс. В недела ги очекува дуел со Саудиска Арабија, а групната фаза ќе ја завршат со дерби-пресметката против Уругвај, натпревар кој може да биде клучен за пласманот во нокаут-фазата.