Бојан Димоски се враќа во македонскиот фудбал – ќе игра во црвено-црниот дрес!

Екипата на Шкендија продолжува да го засилува тимот пред новата сезона, а најново име во составот на тетовскиот клуб е македонскиот репрезентативец Бојан Димоски.

Левиот бек пристигнува како значајно засилување за тимот, откако раководството на Шкендија успеа да ја добие трката за неговиот потпис и тоа на двегодишен договор. За Димоски наводно постоел сериозен интерес и од Вардар, но тоа не беше официјално потврдено.

Тој зад себе има богато интернационално искуство. Кариерата ја започна во Тетекс, по што настапуваше за Вардар и Брера, пред да се пресели во руски Акрон Тољати. Во меѓувреме беше дел и од Ноа од Ерменија, како и од српските Партизан и ТСЦ, а добрите настапи му донесоа и место во сениорската репрезентација на Македонија.

Во Шкендија очекуваат 24-годишниот фудбалер веднаш да се наметне како стандарден првотимец и да биде важен адут во борбата за висок пласман на домашната сцена и за европските настапи.