Нов скандал: Кривични за главните во ОФС Валандово – проневериле 1,35 милиони денари!

Канцеларијата за криминалистички работи Валандово поднесе кривична пријава против К.С. (66) и М.Г. (54) од Валандово, поради сомнение дека сториле кривични дела „измама во службата“ и „фалсификување службена исправа“.

Според информациите од полицијата, првопријавениот како претседател, а второпријавениот како секретар на Општинскиот фудбалски сојуз (ОФС) Валандово, во периодот од 2021 до 2025 година во повеќе наврати регистрирале фудбалски клубови за настап во Општинската фудбалска лига, иако тие не го исполнувале минималниот број на играчи пропишан со правилникот на ФФМ.

Со ваквите дејствија, според пријавата, бил зголемен бројот на делегати во Собранието на ФФМ, на кои незаконски им биле исплаќани надоместоци по различни основи. На тој начин, осомничените за себе и за други лица прибавиле противправна имотна корист во износ од околу 1,35 милиони денари.

Полицијата наведува и дека двајцата изготвувале записници за наводно одиграни натпревари, во кои внесувале невистинити податоци за лица прикажани како учесници на средби што, според сомнежите, никогаш не биле одиграни. За случајот е поднесена соодветна кривична пријава до надлежното јавно обвинителство, кое ќе ја води понатамошната постапка.