Модерниот фудбал е суров: Де Брујн ништо не се прашувал за својата иднина

Кевин Де Брујн на крајот од сезоната ќе го напушти Манчестер сити, а Пеп Гвардиола беше искрен и призна дека одлуката за таквата ситуација е исклучиво на клубот.

Де Брујн во изминатите години беше еден од најдобрите и најважните фудбалери на „граѓаните“, сепак повредите си го направија своето и Белгиецот повеќе не игра на исто ниво.

Иако признава дека било тешко, сепак клубот донел одлука да не ја продолжи соработката која истекува на крајот на сезоната.

„Клубот донесе таква одлука, спортскиот директор, остатокот од управата и јас добивме непопуларна задача да ја решиме ситуацијата. Навистина не ми беше лесно да му соопштам дека нема да ја продолжиме соработката“, изјави Гвардиола.

Засега не е потврдено каде Де Брујн ќе ја продолжи кариерата, но се споменуваат МЛС лигата и Саудиска Арабија, а неговиот поранешен клуб, Волфсбург јавно го повика да се врати во германскиот фудбал.