Меси: Ме боли пеналот, ама не треба да паничиме уште сега!

Најдобриот аргентински фудбалер денеска беше трагичар на воведниот меч на „гаучосите“, против Исланд (1-1), откако не реализираше пенал за победа, по што еден од фаворитите за титулата стартуваше лошо во групата Д на СП во Русија.

Аргетина имаше 27 удари кон голот, двоцифрен број во рамките од голот, а Исланд од три напади им дадоа еден гол и на крај успеаа да се одбранат и да го освојат првиот историски бод на Мундијалите. Меси го имаше мечот во рака, но го промаши четвртиот удар од последните седум изведени пенали за Аргентина и Барселона, но тој тврди дека не треба сега да паничат Аргентинците.

„Бевме супериорни, се обидовме на секој начин да стигнеме до победа, но не успеавме да дадеме и втор гол. Ме боли промашениот пенал, но не мора уште сега да паничиме. СП само што почна, а ние знаевме дека нема да биде лесно. Штета, затоа што заслуживме победа, иако има уште многу работи кои мора да ги поправиме. Се мачевме со Исланд, сега одиме да ја победиме Хрватска“, изјави Меси.