Марка тврди: Винисиус веќе преговара за трансфер во Саудиска Арабија
Радио Марка денеска објави ексклузивна информација дека Бразилецот и неговите застапници досега имале најмалку три состаноци со претставниците на саудиската лига. Според овој медиум, не е прашање дали, туку кога Винисиус ќе замине на Блискиот Исток и таму ќе ја продолжи кариерата.
Интересно е тоа што тој не преговара со конкретен клуб, туку со челниците на саудиската лига бидејќи така функционираат таму работите. Без разлика каде ќе игра, неговата плата ќе се финансира од заедничкиот фонд од каде заработуваат и Роналдо, Бензема и сите останати ѕвезди во овој шампионат. На првиот состанок, кој траел околу 15 минути, на Винисиус му бил претставен планот на лигата, не само од финансиски, туку и од спортски и личен аспект.
Познато е дека понудата изнесува една милијарда евра во период од пет години, односно 200 милиони по сезона. Освен тоа, планот е Винисиус да биде официјален амбасадор на Светското првенство во 2034 година кое ќе се одржи токму во Саудиска Арабија. Вториот состанок меѓу претставниците на двете страни е одржан во Прага, но на таа средба не присуствувал лично Винисиус, туку неговиот агент, додека третиот бил во Ријад.