Марадона го најде виновникот за срамот со Суперкласико: Си го заслуживме ова зашто сме – овци!

Аргентинската легенда Диего Армандо Марадона, кој сега е тренер на мексикански Дорадос де Синалоа нема влакна на јазикот, па коментира што ќе му падне на памет, а откако Аргентина ја потресе скандалот со одложувањето на реванш Суперкласико во финалето на Копа Либертадорес поради хаосот што го направија навивачите на Ривер плејт.

Марадона е легенда на Бока јуниорс, еден од најжестоките навивачи по завршувањето на кариерата. Неговиот тим беше каменуван во саботата, неколкумина фудбалери беа повредени, па 48 часа, се натегаа раководствата на клубовите со конфедерацијата КОМНЕБОЛ за тоа кога да се игра мечот. По низа презакажувања и одложувања, за точната саатница и ден кога ќе се игра ќе биде познато во следните два дена.

И за целата состојба и тоталното лудило во Буенос Аирес, Марадона експресно го најде виновникот, а тоа е – претседателот на Аргентина, Маурицио Макри. Макри беше бивш претседател на Бока јуниорс, кој потоа влезе во политиката и сега е прв човек на земјата.

„Претседателот Макри ги измами луѓето. Луѓето гласаа за неговите ветувања, а денеска е уште полошо. Нема обезбедување, има само грабежи, има луѓе што немаат што да јадат. И ние го заслужуваме сето ова. Го заслужуваме ова што ни се случува, зашто гласавме за него како овци. Цел живот тој е син на милијардер. Што му е нему гајле, што некое петгодишно дете нема што да јаде. Ова што се случи е само одраз на состојбата во државата“, вели Марадона.

Хаосот започна со лошо обезбедената траса од полицијата за автобусот на Бока, по што циркузот продолжи пред мечот со наулиците кога дел од хулиганите се судрија со полицијата, а тоталното лудило се случи неколку часа подоцна пред стадионот „Монументал“ откако официјално беше одложена средбата. Хулиганите повторно влегоа во клинч со полицијата, преку 60 лица беа уапсени, а дел од тие хулигани нередите ги искористија и за грабежи.