
„Лудо“ било на „Енфилд“: Навивачите на Ливерпул предизвикале земјотрес!
Според најновото истражување на Универзитетот во Ливерпул, навивачката еуфорија на „Енфилд“ при победата над Тотенхем (5-1) минатата недела предизвикала микро-земјотрес со јачина од 1,75 степени според Рихтеровата скала.
На стадионот биле поставени сеизмолошки инструменти од страна на тим на научници предводени од д-р Фарназ Камранзад, со цел да се следи како реакциите на публиката влијаат на тлото. Особено силен сигнал бил забележан при прославата на голот на Алексис Мак Алистер во 24. минута, момент што бил доволен да регистрира потрес.
„Станува збор за микро-земјотреси, кои не се доволно силни за да се почувствуваат од луѓето, но инструментите јасно ги бележат. Тие се резултат на масовната енергија што се ослободува од навивачите“, објаснува д-р Камранзад.
На трибините на „Енфилд“ се собраа повеќе од 60.000 фанови за да ја прослават историската титула во Премиер лигата, а атмосферата го достигна својот врв токму кога Ливерпул ја потврди доминацијата која ја имаше сезонава.
Со ова, Ливерпул не само што испиша нова страница во својата фудбалска историја, туку остави и трага под површината, во буквална смисла.
Фото: Liverpool FC/FB