Крај на една неверојатна серија: По седум години, Гризман ќе пропушти натпревар на „триколорите“

Фудбалерот на Атлетико Мадрид, Антоан Гризман не е во составот на француската репрезентација за претстојните пријателски натпревари против Германија и Чиле.

Причината поради која не е во комбинација е повреда на скочниот зглоб, а тоа значи дека еден од најдобрите играчи и стрелци на „триколорите“ во поновата историја ќе го пропушти првиот натпревар за националниот тим по 84 одигрнаи натпревари во низа. Неговата серија почна во август 2017 година и оттогаш постигна 28 гола, 30 асистенции, освои титули на Светско првенство и Лигата на нации и одигра уште едно мундијалско финале.

До моментов, Гризман е четврти фудбалер во историјата на француската репрезентација по бројот на одиграни натпревари со 127, 18 помалку од рекордерот Уго Лорис и четврти стрелец со 44 гола, 12 помалку од Жиру кој е на првото место.