Консеисао ништо не го спасува: Милан ќе го доведе тренерот кој еднаш ги одби?

Италијанските медиуми јавуваат дека Серџо Консеисао сигурно нема да ја продолжи својата авантура на клупата на Милан по завршувањето на оваа сезона.

Слабите резултати во Серија А направија дури ни евентуален успех во другите натпреварувања да не биде доволен за продолжување на соработката со португалскиот стратег.

Веќе извесен период се шпекулира за негов наследник, а како најсериозни кандидати се спомнуваат Масимилијано Алегри и Маурицио Сари.

Имено, Сари бил во игра и уште во декември, кога Милан се раздели со Пауло Фонсека, но тогаш го одбил краткорочниот договор кој му го понудиле „росонерите“. Како алтернатива, клубот го донесе Консеисао, со договор до 2026 година.

Сепак, во договорот постои клаузула која му овозможува на клубот еднострано да ја прекине соработката по завршувањето на тековната сезона.

Сари е тренер со големо искуство и ја освои Серија А со Јувентус, додека со Челси триумфираше во Лигата на Европа. Ваквото искуство би можело да биде клучно во обидот на Милан да се врати на патеките на успесите.

Фото: AC Milan/X