Ќе има мачни преговори: Бока бара службена титула, Ривер не мрда од „Монументал“!
Но, иако има најавен состанок за точно одредување на датумот, саатницата и местото, сплетката и хаосот веројатно допрва почнуваат, зашто во преговорите сите страни влегуваат со – различни дијаметрално спротивни желби. Аргентинските медиуми веќе најавија дека многу поизвесно е да нема договор, отколку дека Бока и Ривер ќе се согласат за реванш меч. Засега низ медиумите се појавија две опции за меч надвор од Аргентина и тоа во Абу Даби, а за домаќин се понуди и италијанска Џенова. Една од опциите е ваква да се игра надвор од Буенос Аирес. Втората опција е суспензија на Ривер и службен трофеј за Бока. Третата опција е „Монументал“, ама без гледачи...
Но, како што стојат работите веројатно КОНМЕБОЛ некако ќе мора да пресече. Само прашање е како? Најавениот состанок е закажан за 10 часот по локално време (14 часот по македонско) помеѓу првите луѓе на Ривер и Бока со челниците на конфедерацијата.
Бока бара службена победа, на ист начин како што Ривер службено победил во 2015 година, кога се случил напад врз фудбалерите од страна на навивачите на сино-жолтите.
„Било каква друга казна за Ривер, од таа како што беше казнета Бока, ќе биде преседан – јасен и нечесен потег“, постојано повторуваат од „Бомбоњера“. Бока дури најавила жалба до Арбитражниот суд во Лозана, во случај КОНМЕБОЛ да не го казни Ривер по нивна желба.
Од друга страна, Ривер не отспатува од намерата да се игра финалето на сите финалиња на „Монументал“. И тоа со присуство на публика, никако на празни трибини.
„Никаков Абу Даби. Суперкласико ќе се игра на 'Монументал', со присуство на публика. Го чекам претседателот на Бока да се договориме за терминот за реваншот. Како ќе се договориме, така ќе биде. Ние имаме џентлменски договор да се игра мечот и не е морално тоа сега да го кршиме. Не можам да кажам кога ќе се игра, ама знам дека ќе има меч“, вели Родолфо Д'Онофирио, првиот човек на Ривер.
Дали ќе има конечен договор ќе покаже денешниот ден. Суперкласико требаше да се игра изминатиот викенд, ама по каменувањето на автобусот мечот двапати е одложуван, полицијата ги бара насилниците, а градоначалникот објави дека хаосот е направен од мафијашки структури, односно озогласените барас-бравас хулигани, чиј лидер во рација бил уапсен со многу пари и 300 билети за мечот, кој требало да ги препродаде. Поради тоа, инцидентите биле одмазда за полициската рација.