Канаваро се присети на „дебито“ со Диего: Тренерот ќе ме „убиеше“ дека му влегов со клизачи!

Последниот Италијанец освојувач на „златната топка“, Фабио Канаваро (2006 година), членот на златната генерација на „аѕурите“ која стана светски првак на Мундијалот во Германија истата година, кога ја започна својата професионална кариера имаше необично „деби“ во првиот тим што вечно ќе го памети.

Канаваро кариерата ја започна во Наполи, клуб од каде се изродија многу големи имиња на италијанскиот фудбал, пред сѐ Чиро Ферара, Џанфранко Ѕола, а стоперот кој ќе остави силен белег во италијанскиот фудбал преку Парма и Јувентус, своето огнено крштевање го имаше против Диего Марадона, кој завчера почина на 60 годишна возраст.

Се присети на моментот кога првпат влезе во првиот тим како талент, откако претходно ги собираше топките крај теренот, воодушевувајќи се на големите ѕвезди на Наполи.

„Јасс бев дете што ги собираше топките и кој ги гледаше шампионите кога тренираа. Како дете играв фудбал во средниот ред, сѐ додека тренерот не ми ја смени позицијата, а јас ништо не кажав, само слушав што ќе ми кажат и тоа правев. На првиот тренинг, прв што ме прифати беше Чиро Ферара, а јас бев пресреќен што ќе бидам покрај еден Диего Марадона. Тогаш го прашав Чиро: 'можеш да поверуваш дека ќе тренирам со Диего?'“, се присеќа Канаваро.

Следел одговор од Ферара, кој го оставил прво без зборови.

„Чиро на моето прашање само ми одговори: 'Не синко, нема да тренираш со Марадона. Да е нешто налик на тренинг, треба да ја шутираш топката, а ти таква шанса нема да имаш, зашто таа топка секогаш е залепена за ногата на Марадона. Нема да можеш ни во дуел да влезеш. Нема да ја пипнеш, зашто ќе ти избега'.

И потоа следело шоуто, по кое тренерот се налутил, а Марадона како човек со големо срце дури го наградил.

„И еднаш успеав во намерата да го чувам Марадона. Силно влегов со лизгачки старт и го сопрев. Соиграчите црвени од лутина, а тренерот почна да ме навредува... Ќе ме 'убиеше'. И Диего само застана и сите ги смири. Само ми рече: 'Браво момче, сѐ е ова во ред – фудбал!' После тренингот дојде до мене и само се насмеа, па ми ги даде неговите копачки. Замислете, успеав еднаш да го сопрам идолот. Тогаш сфатив дека ќе морам бескомпромисно да одам против најдобрите, за да бидам најдобар. А, Марадона? Тој беше постер на фудбалот, човек секогаш со крената глава и исфрлени гради напред. Тој став даваше крила кај секој играч. И кога ќе згрешевме, ништо немаше да ни каже. Се гледаше по говорот на неговото тело, а противниците затоа и му се плашеа“, потенцира Канаваро.