Јужна Кореја со новиот закон може да ги разочара своите големи спортисти

Јужна Кореја наскоро би можела да го промени законот според кој врвните спортисти не мора да служат воениот рок.

Директен повод за тоа е изјавата на тројца фудбалери кои по освојувањето на Азиските игри истакнаа дека најголем мотив им била можноста во случај на победа да бидат ослободени од служење воен рок.

Сите тројца потоа ѝ се извинија на нацијата, но лавината веќе беше покрената. Досега, спортистите кои освојуваа златни медали на најголемите натпреварувања, како што се Олимписките или Азиските игри, беа ослободени од воената обврска.

Владата веќе одржа состанок, а многу брзо би можело да биде донесена одлука според која сите, без исклучок, ќе мора да служат војска.

Во Јужна Кореја, сите мажи до 28 години мора да отслужат воен рок во траење од 18 до 21 месец.