
Инзаги добро ќе наплати успехот со Интер - добива нов договор со повеќе пари!
Како што откриваат италијанските медиуми, раководството на клубот му понудило нов договор до летото 2027 година, со значително зголемување на годишните примања на сума помеѓу 7 и 7,5 милиони евра.
Актуелниот договор на Инзаги истекува во 2026 година, но според најавите од Италија, продолжувањето е практично договорено и официјализацијата се очекува наскоро.
Инзаги седна на клупата на „нероаѕурите“ во 2021 година, по заминувањето од Лацио, и оттогаш направи значителен успех на „Џузепе Меаца“. Најголемиот успех го постигна минатата година кога со Интер го освои Скудетото во Серија А, а покрај тоа има и две титули во Купот на Италија, три во Суперкупот, како и настап во финалето на Лигата на шампионите во 2023 година, каде што загуби од Манчестер Сити.
Интер оваа сезона повторно е во трка за трофеи на два фронта, Серија А и Лигата на шампионите. Сепак, задачата нема да биде лесна. Во домашното првенство заостануваат три бода зад Наполи, додека во Лигата на шампионите, по ремито од 3-3, мораат да ја совладаат Барселона во реваншот на домашен терен за да обезбедат пласман понатаму.
Фото: Inter FC/X