Инфантино засега „преживеа“, ама притисокот продолжува
Во заедничко обраќање со генералниот секретар на ФИФА, Матијас Графстром, Инфантино призна дека биле направени сериозни пропусти во комуникацијата и дека националните федерации не биле навремено вклучени во процесот. Од светската куќа на фудбалот најавија и внатрешна ревизија на процедурите со цел да се спречат слични ситуации во иднина.
Предлогот предвидуваше формирање нова комерцијална компанија преку која дел од приходите од најголемото фудбалско натпреварување ќе се понудат на приватни инвестициски фондови. Планот, сепак, беше повлечен по жестокото противење од повеќе континентални конфедерации и национални сојузи, кои оценија дека процесот бил нетранспарентен и донесен без доволни консултации.
И покрај извинувањето, Инфантино останува под силен притисок, а неговото раководење со ФИФА повторно е тема на критики. Сепак, раководството на организацијата засега му даде поддршка, нагласувајќи дека вниманието сега ќе биде насочено кон подобрување на управувањето и враќање на довербата меѓу членките на ФИФА.