Поранешен фудбалер на Реал Мадрид се спречкал со тренерот - завршил на шиење со 10 конци!

Шпанскиот фудбалер Серхио Каналес, кој сега игра за мексиканскиот прволигаш Монтереј, а кој во минатото настапуваше и за Реал Мадрид, се здоби со повреда откако вчера влегол во расправија со тренерот Мартин Демикелис.

Според информациите од медиумите, кои подоцна беа потврдени и од клубот, Каналес удрил во вратата од соблекувалната по вербална конфронтација со тренерот, при што се повредил и му било потребно шиење со десет конци. Демикелис изјави дека конфликт, во вистинска смисла, не постоел, туку станувало збор за размена на мислеа за време на тренингот. Тој нагласи дека неговиот пристап кон играчите е отворен и дека ги охрабрува да го изразат своето мислење.

„Ставете кој било наслов што сакате. Во секој спорт, во секоја соблекувална, секогаш има размена на мислења. Јас не сум авторитарен тренер. Сакам да слушам и да дискутирам за да дојдеме до најдобрите одлуки,“ изјави Демикелис по тренингот.

Тој додаде дека екипата е фокусирана на претстојниот натпревар и увери дека без оглед кој ќе излезе на теренот, навивачите ќе гледаат „11 воини“.