Хаос во Јувентус: Спалети неодамна потпиша нов договор, а сега е пред заминување?!
Според информациите, италијанскиот стратег е подготвен да поднесе оставка и покрај тоа што неодамна го продолжи договорот до летото 2028 година.
Спалети ја презеде клупата на Јувентус кон крајот на октомври минатата година, но според италијанските медиуми, ситуацијата во клубот во последните недели станала многу напната. Наводно постојат несогласувања меѓу него и директорот Дамиен Комоли, што дополнително ја зголемува неизвесноста.
Торинскиот гигант беше многу блиску до обезбедување место меѓу четирите најдобри екипи во Серија А, но поразот од 2-0 од Фиорентина сериозно ја искомплицира ситуацијата. Јувентус сега го дели петтото место со Комо и во последното коло мора да го победи Торино во градското дерби.
Сепак, ниту тоа можеби нема да биде доволно, бидејќи Јувентус истовремено ќе зависи и од резултатите на конкурентите. За пласман во Лигата на шампионите потребно е барем Рома или Милан да не победат на својот натпревар.
Токму поради тоа, тврди „Ла Стампа“, Спалети сериозно размислува за заминување доколку клубот не ја исполни главната цел оваа сезона.
Фото: Juventus FC