Германскиот Варди: Филмска приказна на Дениз Ундав – од работа во фабрика до настап на СП!

Соништата за настап на најголемата фудбалска сцена за милиони изгледаат како светлосни години далеку, особено кога рано наутро одработувате смена во фабрика за да преживеете, а паралелно играте во пониските лиги.

Легендарниот напаѓач на Лестер, Џејми Варди, најдобро знае како изгледа тој пат – од погонот во фабрика до Светското првенство во 2018 година со Англија. Деновиве, спротивно на сите прогнози, Германија го има својот Варди, а тоа е - Дениз Ундав. Напаѓачот на Штутгарт помина трнлив пат до ѕвездите. Во младинските денови бил отпишан од академијата на Вердер Бремен со суровото објаснување дека е „премногу низок“. Денес таа одлука на челниците на Вердер им изгледа како голема грешка, бидејќи голгетерскиот биланс на Ундав расте од година во година.

Иако едногодишната епизода во Брајтон не му донесе целосна афирмација (постигна осум гола во сезоната 2022/23), претходно блескаше во белгискиот Унион Сен Жилоаз со 45 гола на 70 натпревари, додека во дресот на Штутгарт дури 57 пати ја тресеше противничката мрежа на 117 средби. Кога на тоа ќе се додаде и учинокот за германската репрезентација – шест гола на девет натпревари – јасно е дека „панцерите“ на Мундијалот имаат опасен адут од клупата.

„Кога на 14 години ми кажаа дека немам иднина зашто сум пренизок, срцето ми беше скршено. Но не се откажав. Морав да работам по осум часа дневно во фабрика за да преживеам, бидејќи од фудбал во четвртата лига не можев да живеам“, се потсети Ундав на своите почетоци во екипата на ТСВ Хавелсе, каде што месечно заработувал само 225 фунти.

Станување во четири часот наутро, работа на ласерски машини, па тренинг и враќање дома дури во осум навечер – тоа бил неговиот живот пред да ја освои Белгија, да ја почувствува Премиер лигата и конечно да експлодира во Штутгарт. Варди имаше 31 година кога дебитираше на СП, а Ундав пред својот 30. роденден носи ист таков уличен и борбен менталитет што навивачите го обожаваат и кој би можел да биде еден од адутите на Германија во борбата за светскиот трон.