ФИФА: Здравјето пред фудбалот, а тој ќе биде „многу поинаков“ додека не излезе вакцина!

Светската фудбалска федерација (ФИФА) посочи дека фудбалот ќе биде „доста поинаков“ во екот на пандемијата со Ковид-19 и додека не се најде вакцина, нема да може да се врати сè во нормала, како што беше до март годинава.

ФИФА објави алатка за проценка од ризик, која ја испрати со сите национални федерации членки, меѓу кои и ФФМ, како и до шесте континентални конфедерации, која треба да помогне во сигурното враќање кон нормала на „убавата игра“, а во овој период полека фудбалот се враќа на терените, но под строги мерки без гледачи, со чести тестирања и со одржување на физичка дистанца.

Во објавениот документ кој ФИФА го подготвила заедно со Светската здравствена организација (СЗО), како и Европската клупска асосцијација (ЕКА), потоа со здружението на фудбалери (ФИФПро), Светскиот фудбалски форум и европските лиги (ЕФПЛ) се посочуваат протоколите и мерките кои мора да се почитуваат во овој период.

„Здравјето на сите е над сè, но важно е да се почитуваат сите мерки како одржување на хигиена, физичка дистанца, здрав начин на живот, добри оброци, избегнување на непотребни патувања. Безбедното враќање на фудбалот мора да стартува сега со здравствен, социјален и економски бенефит од играта, а сите главно фудбалски организации мора заедно внимателно и методично да се подготват за постпандемиското враќање на фудбалските активности. Додека не се најде вакцина, севкупниот фудбал и опкружувањето ќе бидат понакви. Секој што е вклучен во фудбалот мора да се погрижи и има одговорност да превенира ширење на Ковид-19.

Наша задача е да обезбедиме здравствена сигурност на сите во фудбалот, да го процениме ризикот и факторите кои мора да бидат вклучени во превенцијата, за да обезбедиме сигурен фудбал и на професионално, ама и на аматерско ниво. Сите овие препораки мора да бидат имплементирани и во согласност со здравствените власти и националните протоколи за здравство и јавни собири. Ги охрабруваме и локалните власти дополнително да го проценат ризикот дали е безбедно да се продолжи. Не смее рестартирањето на фудбалот да го загрози здравјето во едно општество. Затоа повторното играње фудбал треба да се базира на објективни проценки дека ваквите активности нема да придонесат за ширење и зголемување на заразата од Ковид-19, туку ќе бидат безбедни со мало ниво на ризик“, објави ФИФА.