ФИФА истражува зошто стадионот беше полупразен на мечот Египет-Уругвај

Светската фудбалска федерација (ФИФА) најави дека започнала истрага за мечот Египет – Уругвај (0-1), кој се одигра попладнево во Екатеринбург поради многуте празни столчиња кои зјаеа за време на дуелот, втор на СП во Русија по вчерашното отворање.

Многу сектори на „Екатеринбург Арена“ беа прани, па стадионот зјаеше (полу)празен на дуелот за кој ФИФА вели дека речиси сите влезници биле продадени. Сега во светската централа се чудат, како имало толкава побарувачка на влезници, а за време на мечот – пола не се појавиле.

„Ние може да потврдиме дека беа побарувани 32.278 билети за мечот Египет – Уругвај во Екатеринбург. Капацитетот на стадионот е 33.061 и сега факт е дека бројот на гледачи кој присуствувал не се совпаѓа со бројот на билети кои беа продадени. Сега ФИФА истражува зошто ова се случило“, објавија од светската централа.

Околу 6.000 празни места имало на стадионот, а од оваа бројка за 5.200 столчиња имало продадени билети.

На последното СП имаше голем скандал со влезниците, по што директорот на партнерот на ФИФА за билети, Британецот Реј Велан беше уапсен, но потоа ослободен дека немал ништо криминално сторено во таа продажба на влезници.