
Државата со повеќе овци од луѓе стана (нај)голема фудбалска сензација на – векот!
И покрај импресивниот резултат, шансите на 136. селекција на ФИФА ранг-листата за пласман во бараж се мали. Екипата заостанува само еден бод зад Чешка, но во последното коло ќе се соочи со фаворизираната Хрватска, додека Чесите ќе имаат полесна задача против Гибралтар. Со оглед дека Гибралтар во историјата има победи само против Лихтенштајн, Сан Марино, Андора и Ерменија, шансите за нова фарска сензација се минимални. Сепак, дури и без пласман на Мундијалот, Фарските Острови станаа симбол на спортски напредок и упорност. Со нешто помалку од 55.000 жители, оваа мала и изолирана заедница на северниот Атлантик создаде една од најинтересните фудбалски приказни во Европа.
Мала земја со големи соништа
Фарските Острови, архипелаг од 18 вулкански острови меѓу Шкотска, Исланд и Норвешка, се познати по суровата клима, стрмните карпи и живописните рибарски села каде што овците се побројни од луѓето и тоа за речиси 20.000. Рибарството сочинува 97% од локалната економија. Островите добиле широка автономија во рамките на Кралството Данска во 1948 година. Денес, на приближно 55.000 жители, има регистрирани околу 5.000 фудбалери — повеќе од 9% од населението.
Од песок до модерни терени
Фудбалскиот сојуз е основан во 1979 година, а репрезентацијата стана членка на ФИФА во 1988 и на УЕФА во 1990. Првите натпревари ги играле против Исланд, Гренланд и аматерски селекции, а денес поседуваат четиристепен лигашки систем. Националниот стадион „Торсвёлур“ во главниот град Торсхавн собира 6.000 гледачи, а стадионот во Тофтир е толку блиску до морето што топките често завршуваат во брановите. Токму таму, во 1997 година, 6.642 гледачи — околу 14% од населението — ја проследиле победата над Малта (2-1), што е рекорд во нивната историја.
Од „чудото во Ландскрона“ до сензациите против Грција
Фарските Острови првпат забележале натпреварувачка победа во квалификациите за ЕП 1992, совладувајќи ја Австрија (1-0) вомеч одигран во Шведска - натпревар кој остана запаметен како „Чудото од Ландскрона“. Во 2014 година приредија уште една сензација, победувајќи ја Грција (1-0) среде Атина, а една година подоцна повторија успех дома со 2-1. Тие резултати ги подигнаа до 74. место на ФИФА-листата, што и денес е нивен најголем успех.
Во 2017 година анализи покажаа дека Фарските Острови имаат најмногу ФИФА бодови по глава жител — најуспешна репрезентација во светот според бројот на жители. Денес се на 136. место, но со последните победи против Црна Гора и Чешка, сигурно ќе напредуваат.
Младинците чекорат по ист пат
Развојот на фарскиот фудбал не се гледа само кај сениорите. Младинската репрезентација до 21 година моментално е прва во својата квалификациска група за Европското првенство, пред селекции како Швајцарија, Франција, Исланд, Естонија и Луксембург. Иако Франција е главен фаворит, второто место и пласман во бараж се сосема реална цел.