„Диего не сакаше повеќе да живее, тоа ми го кажа ден пред смртта“

Поминаа повеќе од два месеци од трагедијата и смртта на аргентинската легенда Диего Армандо Марадона, но и понатаму трагедијата останува топ-тема во јавноста, особено откако се појавија докази дека неговиот лекар Леополдо Луке го фалсификувал потписот на легендарниот фудбалер, а потоа и разговор во моментот на смртта кој ја згрози јавноста.

И додека почна војната во семејството за богатството на Марадона, неговиот роднина Џони Еспозито, за шпанска „Марка“ откри детали од последните денови од животот на иконата на Наполи, посочувајќи дека тој повеќе не сакал да живее.

„Диего беше добар, ама не сакаше повеќе да живее. Не дозволуваше да му помогнеме и сѐ уште не ми е јасно зошто не сакаше да му помогнеме. Јас се обидов да му помогнам, но тој само ми рече: 'Живеев 60 години, лишен сум од многу работи и не можам повеќе да живеам вака'“, вели Еспозито.

Тој е еден од последните луѓе што бил во друштво на фудбалскиот Бог пред смртта, последен пат се виделе вечерта пред смртта. Диего почина следниот ден точно на пладне по аргентинско време.

„Со него секој ден беше лекар и вечерта се поздравивме, му реков се гледаме утре. Мислам дека беше околу 23 часот кога последен пат се видовме. Јас бев на вториот спрат, а тој беше на приземје, за да не мора да се качува по скали. Утредента се разбудив околу 9-10 часот и тргнав да доручнувам. Мислев дека лекарите го посетуваа, а него му беше тешко веќе во 11. Знам сигурно дека последниот роденден што го прослави не му се допадна, не можеше да ужива како што сакаше. Еднаш го прашав што би сакал да биде, а да не е Марадона и ми одговори дека само сака да оди нормално во супермаркет, да прави нешто како сите ние секој ден“, додаде Еспозито.