Данскиот селектор го побарал вчерашниот прекин, а причина е страшен инцидент од 2009 година

Германија вчера ја победи Данска во натпревар во кој видовме и прекин поради силното невреме кое го погоди Дортмунд. Натпреварот поради невремето беше прекинат во 35. минута и прекинот траеше 20-тина минути.

Данските медиуми денеска пренесуваат прекинот го побарал селекторот на Данска, Каспер Хјулманд, а познато и зошто.

Хјулманд во 2009 година како помошник тренер во Нортсјеланд бил сведок на страшен инцидент предизвикан од силно невреме. Во таа 2009 година, Џонатан Ригхтер од редовите на Нортсјеланд настрадал по удар од гром во текот на натпреварот.

Несреќниот фудбалер од громот се здобил со срцев удар и докторите го ставиле во индуцирана кома, по што го ладеле додека телесната температура не му се намалила до 34 степени. Шест недели по ударот ситуацијата му се влошила и докторите биле приморани да му ја ампутираат ногата.

„Џонатан Рихгтер помина десет дена во кома. Не знаевме дали ќе преживее, а за играчите беше тешко и не знаеа како да реагираат. Не знаевме дали треба да ги славиме головите, да се смееме или да плачеме...“, изјави во едно интервју Хјулманд во 2022 година.

Ригхтер бил приморан да се повлече од фудбалот на 24 години, а клубот во негова чест го повлече дресот со број 26. Денеска тој  е член на управниот одбор на дански нисколигаш.