Буфон ги храбри Италијанците да си одат: Серија А повеќе не е силна

Легендарниот италијански голман Џанлуиџи Буфон ја изненади фудбалската јавност во својата татковина откако ги охрабри фудбалерите да заминат во странство, место да играат во Серија А.

Според него, италијанското првенство повеќе не е силно како што беше порано и особено за репрезентативците е позитивно да играат надвор, пред се во Премиер лигата.

„Позитивно е тоа што сега имаме 6-7 репрезентативци кои настапуваат низ светот, тоа значи дека националниот тим ќе има можност да напредува. Денешниот фудбал е многу променет во однос на периодот кога играв јас, Серија А повеќе не е силна, а играчите мораат да се развиваат“, изјави Буфон.

Во минатото, особено кога Серија А беше најсилна во светот, се случуваше во италијанската репрезентација да нема ниеден фудбалер што настапуѕва во странство. Во моментов надвор од Италија се Донарума, Тонали, Ретеги, Распадори, Удоги, Копола, Калафиори итн.