Бразилски фараон: Винисиус се шета низ Дубаи со „слуги“ кои го ладат и му држат чадор (ВИДЕО)
На кратката снимка од историскиот кварт Ал Сеф во Дубаи, 26-годишниот напаѓач на Реал Мадрид е прикажан во опуштена прошетка со необична придружба, при што еден маж оди зад него држејќи чадор за да го заштити од сонцето, додека жена чекори покрај него насочувајќи рачен вентилатор директно во неговото лице. Иако многумина веднаш го исмеваа Бразилецот обвинувајќи го за претеран луксуз и третман кој наликува на фараонски, вистинскиот контекст е сосема поинаков.
Винисиус престојуваше во Дубаи исклучиво поради снимање на промотивни материјали за тамошната туристичка организација, во склоп на спонзорскиот договор кој Реал Мадрид го има со овој град. Призорот во кој асистентите држат чадор и вентилатор е стандардна процедура на филмските сетови за да се заштитат актерите и спортистите од потење под силното сонце, со што се спречува уништување на сценската шминка и подготвената облека за пред камерите.
Слободното време за ова патување Бразилецот го искористи бидејќи моментално ја одработуваше суспензијата од четири натпревари, поради која не можеше да настапи против Севилја, Барселона, Расинг и Валенсија, а неговиот тим успеа да ги добие сите овие пресметки. По завршувањето на обврските во Емиратите, планот на офанзивецот е директно да отпатува во Сингапур на собирот на бразилската репрезентација.
Сепак, неговото патување наиде на неодобрување кај дел од шпанските новинари кои сметаат дека тој требало да остане во Мадрид за да тренира и да работи на подигнување на формата. Критиките се дополнително засилени поради неговиот скромен учинок од само еден постигнат гол и три асистенции од почетокот на сезоната, а одредени извештаи дури наведуваат дека поради лошите изданија го загубил и местото во почетната постава, кое сега му припаѓа на Јан Диоманде.