Бока не сака меч во Мадрид, па најави жалба на одлуката на КОНМЕБОЛ (ФОТО)

Бока јуниорс соопшти дека ќе се жали на одлуката на КОНМЕБОЛ, кој не сакаше да им ја додели титулата во Копа Либертадорес, туку нареди да се одигра реваншот на „Сантијаго бернабеу“. По најавата за жалба на Бока, истото го најави и Ривер плејт.

КОНМЕБОЛ вчера реши вториот меч од финалето во Копа Либертадорес да се одигра на деветти декември на неутрален терен во Мадрид, откако беше суспендиран „Монументал“, каде што всушност требаше да се одигра дуелот, но поради големите инциденти тие немаа друг избор.

Бока се жалеше и соопшти дека треба да го добијат трофејот во Копа Либертадорес, зашто Ривер треба да биде казнет поради однесувањето на своите навивачи.

Барањето на Бока беше одбиено од Дисциплинската комисија на КОНМЕБОЛ, но клубот од Буенос Аирес најави нова постапка, овојпат пред Судот за арбитража за спорт во Лозана.

Да потсетиме, Дисциплиската комисија на КОНМЕБОЛ го казни Ривер поради слабата организација со 400.000 долари, а „Монументал“ ќе биде затворен во нивните два следни дуели во Копа Либертадорес.