БиХ го продолжи италијанското проклетство - „аѕурите“ трет пат по ред нема да играат на СП (ВИДЕО)
По 120 минути игра, резултатот беше 1-1, а во пенал серијата Босанците славеа со 4-1. Интересно е тоа што БиХ на пенали ги доби двата натпревара од баражот, прво против Велс, а вечерва и против Италија.
Почетокот не навестуваше ваков исход бидејќи Италија поведе преку Мојс Кин уште во 15. минута по катастрофалниот кикс на голманот Никола Васиљ. „Аѕурите“ ја контролираа играта до финишот од првото полувреме кога се случи можеби клучниот момент - исклучувањето на Бастони. БиХ го искористи тоа, направи притисок врз голот на Донарума, а израмнувањето дојде во 79. минута кога Табаковиќ ја затресе противничката мрежа од неколку метри.
До крајот на основниот дел домаќините имаа уште неколку шанси кои не ги искористија, во продолженијата се играше главно мирно, па мораа пеналите да одлучуваат за победникот. Босанците ги искористија сите четири шута, а за Италија, трагичари беа Еспозито кој го промаши цел гол и Кристанте кој ја погоди стативата. За БиХ ова ќе биде втор настап на Мундијалите, по тој во 2014 година, истиот на кој последен пат настапи селекцијата на Италија. Босанците ќе бидат во групата Б, со Канада, Катар и Швајцарија.
Пласман на Светското првенство на пенали обезбеди и Чешка која одигра 2-2 со Данска по 120 минути игра. По изведувањето удари од белата точка, резултатот беше 3-1, а непрецизни за Данска беа Хојлунд, Дрејер и Јенсен. Чешка ќе биде во групата А, со Мексико, Јужна Кореја и Јужна Африка.